
Убиството на Тодор Александров
Протогеров надвор се беше созел и ме фати под рака; направивме неколку чекори и седнавме на меѓата до нивата. Чувствував, дека сите наоколу не гледаат. И тука тој не кажа ништо, што заслужаваше внимание. Кажа само, дека убијците биле Дончо и Штерјо и дека досега не се фатени; дека тој се чувствувал уништен; дека многу работа ќе ни претстои во иднина, за да се пополни отворената празнина. Кога станавме, јас се одделив два-три пати настрана, божем случајно, со познати меѓу четниците и делегатите. На Стојан Филипов му реков под клетва во Неврокопско да бидат на штрек; апсолутно ништо да не пројавуваат, да се прават на сосем помирени со настанатото, додека тој лично не добие од мене второ соопштение, кое што може да се забави неколку дена или неколку недели. Го споделивме и со него тврдото убедување, дека убијците на Тодор се тука помеѓу нас, дека тие се самата тројка, кога во организирањето на злосторството главно дејствувале Алеко и Атанасов, а од Протогеров добиле поддршка, преку неговото целосно поведение спрема Тодор. Го потсетив Филипов, дека тој и неговите другари, иако вооружени, ќе треба да внимаваат добро на враќање. Тој ме успокои, ми рече, дека ќе се вратат преку Пирин, без претходно никој да може да дознае по кои патеки ќе минуваат. Ме покани и јас да заминам со нив преку планината, а исто така ако сакаат и останатите другари од Софија. Му одговорив, дека тоа би било многу нетактично и покрај тоа што го сметам мошне ризично нашето враќање по истиот пат, обавезно ќе се вратам така, како што сме дошле.
Се разбра, дека нас не повикале, да присуствуваме на погребот. Како што се знае, покојните веќе еднаш биле закопувани по наредба на Атанасов и Алеко, набрзо по нивното убиство. Но по напомнувањето на некои делегати, Протогеров настојувал, дека треба да бидат повикани некои од дејците во Софија на погребот. Сфатил, дека е сосем неправилно и подозриво би изгледало само да ни се соопшти, дека Тодор е убиен и веќе погребан.
Но што дознавме тука по самото убиство на Тодор?
На 30 август Протогеров и Александров се среќаваат во Мелничко и тргнуваат за с. Горно-Сушица во Пирин. Пред Мелник ги чекаат, за да ги придружуваат , Штерјо Влахов и Динчо Вретенаров, блиски четници до Алеко, по потекло – исто како него – Власи, но бугаризирани. Преспиваат во Горна-Сушица и другиот ден тргнуваат за каракачанското селце Лопово, кое што се издига високо во планината. На една каменлива полјанка кај Сугарската река, оградена со гори и планини, седнуваат да каснат и да се починат. Протогеров бил близу до Тодор, а настрана подлегнал и четникот што го придружуваше Тодор, Панзо Зафиров. Одеднаш Штерјо и Динчо пукаат врз Тодор, а курирот Динчо Балкански го кутнува брзо поткренатиот Панзо.
По патот, како што тоа го покажуваат доказите на очевитците, после тоа има средба меѓу Алеко и Протогеров. Отсуството на Алеко од Лопово, кадешто се веќе собрани делегатите на Серскиот револуционерен округ, Атанасов го објаснил со добивањето на пролив кај Алеко, кој го терал често пати да излегува надвор. По патот за Лапово се среќаваат со Алеко и Протогеров двајцата убијци; и си даваат оиценки за барањето, кое што го поднесуваат до конгресот, за да бидат оправдани, бидејќи убиството го извршиле „за лична заштита“. Се разбира, и на конгресот Протогеров заб не обели, за да го побара нивното казнување, ниту пак кажал, дека ги сретнал на патот.
Беа дадени „наредби“ да бидат најдени и заробени. Но тоа е обична лага. Тие беа прикриени од тајфата на Алеко. Самиот Петар Говедарчето, кој не пречека кај Мелник, ги криел и им праќал облека и храна – тоа се установи и преку писмата од Штерјо и Динчо до него, запленети во неговата куќа. Протогеров доброволно ја играша рољата на параван, со генералското име и титулата член во Централниот Комитет на ВМРО, зад кој се вршеа сите тие престапни комедии.
Кога ги разбрав тие подробности, јас видов уште еден поттикнувачки елемент; штом тројката уште во првиот момент не посакала да не повика, а Тодор бил набрзина и погребан, имаше извесни основи да верувам, дека таа не се плаши многу од нас и не брза да не примами и отстрани. Од друга страна си реков, дека можеби не би брзале тука да направат нешто против нас, затоа што тогаш за целиот свет ќе биде јасно кој го извршил и убиството на Тодор. А ги беа презеле сите мерки да му се придаде злосторството на личната омраза на Штерјо и Дончо. Тие расудувања ме тераа да верувам, дека можеби успешно ќе се извлечеме назад, без да исклучувам наполно секоја опасност.
Присутните беа молчаливи. Тие се делеа на полјаната на јасно разграничени групички - по околиите, од каде што дошле, а уште попотцртано - по желбите што ги обземаат и по отпечатокот на нивното минато. Тука најповеќе се делеа две групи - некогашните санданисти, на чело со Гоце Манолев, Пенков и Говедарчето, коишто прикриено триумфираа наспроти нивниот нажален изглед, и сметаа, дека се победници, потпрени на тројката; и од друга страна неколкуте души неврокопски делегати на чело со Стојан Филипов, - и едните и другите израснати во заемно непријателство и борби, познавајќи се како противници уште од кревките млади години. Општото дело од пред три-четири години наваму беше доста допринесло, за да стивне таа делба; само групата околу некогашниот санданист Тодор Паница во Неврокопско се беше погрижила да му придаде нова острина во текот на земјоделскиот режим, но таа се оцрта побргу како оружје на тој режим, поправо како непринципиелна група на кариеристи; против неа со оружје во рака војуваа и тука споменатите стари санданисти од Мелничко, некогашното царство на Сандански; тие преминаа целосно во редовите на прероденото ново движење од Александров. Но под сугестиите на Алеко и Атанасов и со поттикнувачкото држење на Протогеров, кај нив - не во народната маса, туку само кај нив неколкуте души повидни месни стари дејци - постепено змиската глава ја крена старата силна омраза и склоност за раскол, меѓутоа и нивната желба да се бара негде и некаде одмазда за смртта на Сандански.
Во еден момент, обраќајќи поглед кон Али-Ботуш и целата низа од планини, кои во тоа утро особено убаво се извишуваа на југ, некој од пријателите зеде да ми објаснува подробности за спротивните области. Забележав меѓу стрмнините под нас на неколку километри една црква што белееше. Пријателот ми појасни, дека тоа е Роженскиот манастир, а на полјаната крај него јасно се оцртуваше друго слично бело петно; пријателот ми појасни, дека тоа е гробот на Јане Сандански. Во тој момент уште појасно си го претставив задоволството на некогашните Јаневи соработници, коишто беа околу нас. Тодор е еден од најистакнатите фигури меѓу големите македонски водачи, како Даме, Матов, Развигоров и други, кои уште на времето најрешително го осудувале расколничкото дело на Сандански. Другарите на Јане сега не можеа да не се радуваат, кога спроти неговиот гроб ќе се издигне еден гроб на едниот од оние, коишто го обвинувале Јане. И се појасно се продлабочуваше во свеста контурата на целиот план за борбата, којашто ќе ни претстои, за позициите, кои треба да бидат разрушени – ако среќата ни помогне.
Немаше што друго да се прави, освен да се пристапи кон погребот. Двајцата покојници беа изнесени од црквата и положени сред полјаната. По наш предлог му се направи снимка на Тодор; Никола Велев имаше случајно кај себеси апарат; пред нас никој не беше се сетил да повика некој фотограф од Свети Врач или Петрич, за да се зачува последна, така вредна снимка од Тодор. Георги Пенков се доближи до Михаил Монев и му пришепна: „Ти сакаш целиот наш маскарлак[3] да излезе на кадро. Вистинскиот Тодоров убиец е Протогеров.“ Кога му реков на Монев да застане до ковчегот на Тодор, бидејќи е негов роднина, Монев за момент почна да ги кани и другите да се наредат наоколу. Но поканата никој не ја следеше. Неврокопци и многу други без да размислуваат многу, инстиктивно, одбегнуваа да си прават фотографии со убијците; а виновниците се вознемируваа од таквата церемонија.
Опелото беше извршено од свештеникот, под чијшто ресор била црквичката. Пеач беше Георги Ангелов од Серско, кој тогаш живееше во с. Сингартија, Неврокопско; за време на турскиот режим тој бил четник во Кочанско, во четата на Симеон Клинчарски, кога Тодор бил секретар на истата чета. Овој човек беше доста длабоко трогнат исто така. Тука беше дојден како делегат на конгресот.
Кај гробот зборувавме Прличев и јас. Никогаш до тогаш не сум држел говор; во тој момент целото мое суштество ме тераше да кажам обавезно нешто над Тодоровиот гроб; секое чувство на стеснување кај мене беше исчезнато. Многу висти ни беа јасни за мене, многу нешта ми висеа божем на јазикот, кои требаше да станат општа сопственост... Но знаев, дека имено тука и во тој момент ништо не треба да биде изречено, што може да му попречи на веќе составениот план во мојата глава. Една мала грешка можеше да осуети сe и тогаш би настапил полн хаос и бескрајна радост за угнетувачите на Македонија.
Мојата внатрешна напнатост беше екстремна, до експлозија. Кога Алеко и Атанасов со Протогеров се приближија до гробот, ми мина мисла, дека би било најзаслужено сите тројца уште во тој миг да бидат стркалани во истиот гроб. Шушкајки со Монев успеав да ја споделам истата мисла; и сепак гледав, дека во таков случај сe би се свршило тука со едно самоистребување без определен резултат. Тој исто така успеа да ми ги потфрли само зборовите: "По никој начин, ништо полезно не би излегло...“
Не се сеќавам што точно сум кажал во мојот краток говор. Кажав - ова не сум го заборавил -, дека не е ова погребот, што ќе биде организиран од народот за Тодор, кога тој ќе дознае за неговата смрт. Пријатели ми кажуваа отпосле, дека во речта извесни илузии сепак биле доста тврди и речиси заканувачки, и покрај тоа, што не сум ги именувал виновниците, кои од лични побуди – тоа за мене беше сосема јасно – стануваа орудие истовремено на `рѓосаниот софиски врховизам и на болшевичките аспирации.
Протогеров исто така кажа на крајот два-три збора во духот на простување со Тодор. Прличев не зборуваше долго, но тоа што кажа беше паметно, неговите зборови не разбудуваа никакви сомневања.
Предложив да бидат дадени три плотуни како што прилегаше за загинатите борци. И се свртив да повикам некој меѓу вооружените присутни, кои ќе застанат пред гробот и да пукаат. И сега гледам како Алеко трепна при мојот предлог, мафтајќи со раката да повика некои и ги нареди имињата на тројца души - Келпеков, Ганчев и третиот не се сеќавам. Тој се уплаши, дека јас можам да поставам тројца души мои пријатели, претходно одбрани, кои ќе ги завртат своите пушки кон градите на виновниците. Во тој момент вината на Алековци за мене блесна заслепувачко. Трите плотуни се дадоа и нивното ехо величествено одекна по пиринските долини и чукари. По неколку минути сите бевме готови да се разотидеме во разни правци. Се збогувавме со неврокопци, коишто сами тргнаа по планината. Верував, дека Филипов ќе успее да го зачува спокојство во нивниот крај и да се држи настрана додека му се јавам. Особено верував, дека тој и сите наши пријатели таму ќе бидат готови во случај на потреба здраво да се борат. Сите присутни на погребот си заминаа со клетвата, којашто ја дадоа уште додека беа собрани на конгресот, дека никому нема да му соопштуваат за убиството на Тодор; ние последно пристигнатите од Софија, го прифативме истото задолжение. Тргнавме назад за село Сугарево, со нас и значителен дел од луѓето, чиишто пат водеше кон долината на Струма. Некои се спуштија право кон Мелник преку стрмната клисура.
Уште по патот за селото заговоривме со тројката за работите, кошто ни претстојат, и договоривме да поразговараме за нив малку поопширно во Сугарево. Јас решив обавезно да го покренам прашањето за нашите односи со раководното тело на Илинденската организација; да настојувам да се разгледаат обвинувањата, кои јас ќе ги изнесам. Мојата интимна намера не беше да ги средувам илинденските работи, коишто беа измешани од Алековци; тие веќе не ме интересираа. Но целта ми беше да се обидам ако биде возможно, откако ќе се разделиме со тројката, уште еднаш некој од нашата средина да се сретне со неа лице в лице, каде и да било, дури и во самото нивно гнездо. Уредувањето на спорот со илинденци можеше да биде најдобриот изговор за една слична средба, бидејќи тројката сигурно ќе сака по тоа прашање повеќе да расправа, ќе ги земе под своја закрила обвинуваните лица од нас. Вон од другите планови за раздолжување со интелектуалните убијци на Тодор, тој кој би се обидел да ја стави во дејство, слична средба ми се гледаше како најсигурен лов за нив; штом, како што се претпоставуваше, и ние ќе се јавуваме на средбата, и штом како што ќе предложам да се јавиме каде што тројката ќе посака, таа ќе биде уште подобро заблудена, нема да се сомнева, дека нешто се крои против неа. Со нетрпение одев кон селото, плашејќи се некако да не се осуети договорениот разговор.
Во една од Сугаревските стари куќички влеговме седум души - ние четворицата дојдени од Софија, без Велев, и тројката. Без да се оддалечуваме во странични и широки уводи, сите дојдовме веднаш до прашањето, коешто единствено можеше да се постави во тој разговор - што ни претстои да правиме. За тројката беше невозможно да го одмине пред нас тоа прашање и таа од срамот требаше да го постави без да имаше каква и да е намера за во иднина со нас да врши заеднички работи, и особено важни работи. Не й беше згодно да се раздели со нас без да подискутира малку за нешто. Алеко прв се обрати кон мене:
- Брезов, кажи ти како стојат работите во Софија; да почнеме од таму.
- Ми се чини, дека на ВМРО му се налага пред сe да ги ликвидира на еден или друг начин конфликтите, кои би се појавиле или се на пат да се појават во неа и на споровите, коишто ги имаме со некои немакедонскн средини. По можност организацијата сега да не ги троши многу своите сили во странични борби, туку да се сосредоточи во рамките на борбата, исклучително против поробувачот. Нужна ни е секоја капка енергија за поголемото стегање на организацијата. Тоа е, што ми се гледа најважно, реков јас. Особено е добро да ги уредиме нашите односи со Илинденската организација. Таа не оди по добар пат. Јас сум готов пред очите на нејзините раководители да ги изнесам сите податоци за нивните грешки. Нека тие од своја страна ги дадат нивните приговори. Кога ќе се чуе сe, нека се определи нашето становиште. Воопшто, се налага определувањето на еден пат, кој сите ќе го следиме спрема таа организација. Инаку секојдневно ќе се трупаат недоразбирања, во општеството ќе се шират озборувања и меѓу емиграцијата постеп0ено ќе настапува едно чувство на несигурност и на поделба. Јас сум најчесто меѓу емиграцијата и ве уверувам, дека повеќе не бидува ни еден ден да се остават во сегашната состојба нашите односи со илинденските раководители. Повторувам, треба да си нацртаме една линија на однос кон нив, каква и да биде таа, за да можеме да му ја препорачуваме и на сите наши пријатели, и да се избегне неслагање и беспатица од наша страна. Тоа е, што го сметам за свој долг да го подвлечам како прво прашање меѓу сите други, што се однесуваат до емиграцијата.
Тројката веднаш се согласи, дека со илинденци треба брзо да се објасниме. Алеко и Атанасов со особена живост го прифатија моето мислење за една блиска средба со нив. Алеко додаде:
- Ти Брезов, земи ги сите твои белешки и при средбата ќе ги посочиш како обвинител разните грешки на илинденци.
- Се согласувам. Тие сами ќе си ја прават одбраната. Во таков случај се налага да посочите кои другари од наша страна ќе се задолжат да ја играат рољата на суд, т.е. да дадат заклучок кои работи треба за во иднина да ги поправат илинденци.
Се прифати точно така да се развиваат дискусиите, со обвинител, одбрана и суд. За судии определивме со општа согласност /Види од книгата/. Кога стана збор за местото на средбата јас побрзав да кажам, дека тоа нема никакво значење, затоа што ние можеме секаде да дојдеме, а и илинденцн можат да отсуствуваат еден-два дена од дома и со автомобил на Организацијата да се јават каде што ќе им се посочи. И додадов, дека ќе е полесно некаде во Петричкиот округ да се случи средбата. Се споменаа имињата на Петрич и Мелник, но и на тројката тие места им се гледаа далеку, па самиот Алеко ја предложи Горна Џумаја. Што се однесува до денот на средбата пак, им се препушти на тројцата да кажат и се определи денот 12 септември.
Мене ми се довери навремено да ги поканам за пат илинденци. Сосем малку други прашања се засегнаа на нашето советување. Се повтори од неколкумина меѓу нас, дека многу работи треба да се средат, дека треба многу труд да се вложи. Сите муабети не беа ништо друго освен општи желби, изразувани со прикриена неискреност. Сигурен сум, дека само за тројца од нашето друштво беше наполно јасно што треба да се прави понатаму. Двајцата беа Алеко и Атанасов - тие знаеја, дека сега им претстои да го стават наполно под свои нозе Протогеров, да не отстранат на еден или друг начин нас и да ја започнат командата над македонското дело; меѓу нив двајцата Атанасов беше тој, кој си мислеше, дека се отвора можност за власт на неговата лична воља, бидејќи беше убеден, дека Алеко ќе му биде едно орудие, наспроти надворешните украси на Алековата пројава. Третиот, кој сосем определено знаеше што ќе прави понатаму, бев јас; тројката требаше да биде отстранета; сe останато само по себеси ќе се нареди и македонското дело ќе го зачува својот облик и во морален и во политички поглед. Може да се случи некои од нас да загинат, но било во кои раце и да остане движењето ќе биде поцелосно и независно, и тоа ќе оди по многу појасен пат, а неговото раководство ќе биде многу почисто, отколку ако би го раководела тројката. Кога ќе се отстрани тројката, нема да се најде никој по неа да крева какво и да е знаме во нејзино име; уште помалку ќе биде возможно тоа, кога се расчуе, дека таа е посегнала врз Тодор.
По завршувањето на разговорот тргнавме сите по патот за Мелник. До село Карланово одевме со потполн молк. Со нас патуваа пак многумина вооружени луѓе од кругот на Алеко. До реката во Карланово наседнавме за одмор. Тука ја видов раницата на Тодор, која беше наполнета со документи, прибрана од Протогеров. Разговаравме за ситни нешта. По едно време Панчо Михајлов побара од мене мислење дали да продолжи со нас кон Софија, или да остане кај тројцата. Атанасов му кажа, дека е добро да остане два-трн дена тука; требало да проговорат што се однесува до положбата и идната дејност во Скопскиот револ. округ. Му одговорив на Панчо, дека тој треба да реши како да постапи, но моето мислење е, дека е подобро да се вратиме сите заедно, така како што сме дошле. Бев сигурен, дека самољубивоста на Панчо нема да му дозволи да признае пред Атанасов, дека ме прашал и дека сум го посоветувал да не останува. Јасно беше, дека Атанасов брза да си добие позиција и за Скопскиот округ, бар за пред општественото мислење, ако се знае, дека Панчо Михајлов беше станал познат со неговото учество во превземањето на Ќустендил. Другите војводи и четници од овој округ, фактички најорганизираниот и најсилниот од револуционерно гледиште, Атанасов и воопшто тројката не би можела ниту за миг да добие. Но Панчо беше до краен степен суетен, речиси болен во тој однос; немаше стабилен карактер; можеше да биде намамен, беше доволно да му обеќаат некаква раководна улога по однос на нашето дело. Кога му препуштив нему да постапи, како што знае, јас бев уверен, дека тој нема да се реши лесно да се раздели од нас, бидејќи не би сакал одеднаш да се најде меѓу противниците на Тодор. А тој добро ги знаеше, дека се такви, ако не преку друго, тогаш бар од неговите разговори со Арсениј Јонков. Во секој случај јас бев изненаден, дека тој веднаш не го отфрли предлогот на Атанасов, дека се поколебал. Тој факт ми покажа, дека ако не успеам да го насочам и него против Тодоровите убијци, ќе се наложи да биде поставен бар под наше набљудување до решавачкиот момент.
- Право кажуваш, Брезов, сите ќе се вратиме, како што сме дошле, отсече Панчо.
- Убаво. Па и да речеш да останеш, да не му го кршиш атерот на потполковникот, те прашувам дали имаш расположение, сосредоточен ли си после ова, што се случи, за сериозни разговори, му реков јас. Многу има да оценуваме и да правиме. Што се однесува до мене, јас чувствувам потреба прво да се одморам, да се соземам. Ти кон Ќустендил ли ќе заминеш нли во Софија ќе дојдеш?
- И јас ќе дојдам во Софија, одговори тој.
Тука се збогувавме, на полјанката во Карланово, со тројката, ги јавнавме маските и тргнавме. Беше неподносливо жешко по долината. Уште понеподнослива беше мојата душевна состојба. Сега веќе ми доаѓаше да заплачам како дете од болка. Прличев одеше до мене уништен.
- Една молба имам кон Бога, Брезов, - да ни го зачува умот. Со тие зборови тој ми даваше да разберам до каков степен е потиснат, деморализиран и уплашен за утрешниот ден. Кај Дере-Мислим се качивме во автомобилот. Тука беа пристигнти пред нас некои од делегатите, меѓу кои беше и Иван Вапцаров. Не слушнав од него ниту збор, кој би издал некаква оцена за станатото. На каде би натежнала силата, натаму би отишол и тој; тоа го читав не само во неговите очи, во неговите ретки зборови, премерени како на терезија, туку дури и во начинот на поздравувањето; го презел сите мерки, за да го изрази неговиот пол неутралитет. Тука сретнавме и други делегати, што се упатуваа кон Петричко, Џумајјско и Разлошко.
Јас бев седнат до шоферот. Дури кога влеговме во Софија се сепнав; целиот изминат пат бев преокупиран во размислувања. Отидов во домот на Томалевски, кој тие денови требаше да замине за Женева, за да го однесе мемоарот на ВМРО до Општеството на народите. Тоа беше единствениот мемоар, упатен од ВМРО по војната. Под заклетва му соопштив од каде се враќам и што се случило. Неговото изненадување беше не помало од нашето. Првите негови прашања беа за држењето на Протогеров, кого што зеде да го напаѓа со најжестоки зборови, нагласувајќи, дека тој е најголемиот виновник, дека целото негово суштествување било една напаст за македонското дело. Тој сметаше, дека е бессмислено да патува во странство; му кажав, дека е полезно точно обратното - да замине; така особено ќе се даде изглед, дека сe е во ред, дека не се прави ништо подозриво од наша страна. И бидејќи мемоарот не беше уште потпишан од Централниот комитет, му кажав, дека потписот на Тодор ќе го фалсификуваме. Како резултат на тоа, така и се случи - Босилков многу успешно го имитираше потписот на Тодор на сите примероци, па тие требаше прво да бидат испратени за потпис од Протогеров.
Решив, дека е добро во тој случај да направиме едно разузнавање за расположението меѓу тројката. Уште преку ноќта испратив да му соопштат на Камен[4] да дојде рано изутрината кај мене. Под чесен збор за запазување на тајната му се доверив, дека Тодор е убиен; му нагласив кои се виновниците и го задолжив тој да го однесе мемоарот кај Протогеров, а преку целото време да набљудува како се однесуваат тројцата спрема него, дали ќе пројават претпазливост, какво е нивното расположение, да запомни точно што би зборувале меѓу себе и него; се разбира, тој требаше да се однесува најприродно, како ништо да не знае за тоа што се случи; затоа и требаше таму да каже, дека го носи мемоарот за потпишување од Протогеров и Тодор. Споделив со него, дека нашата задача сега е да ја отстраниме од патот на македонското дело таа злокобна тројка. Тоа може да се постигне најуспешно со помош на нашите другари, кај коишто тројката нема никакво сомнение. Му објаснив, дека на него сум се запрел да отиде кај нив, затоа што тој е доста млад, знаат дека не учествувал во друго освен во странични поддршки, како многу други младинци, главно се пројавил во легалните студентски средини на ВМРО, помагајќи, како и тие, само во некои технички работи. Бидејќи е син на офицер, тогаш и Протогеров и Атанасов со поголема љубезност и доверба ќе го примат. Тој од своја страна ќе се однесува љубезно кон нив со соодветното внимание, без да претерува со ништо. веднаш се разбравме со него. Кога му реков, дека ако тој носи нешто од татковата крв, и ако лично оцени, дека има сили да направи нешто големо, ретко би можел да ризикува за поголема цел во нашето дело. Тој моментално, без никакво колебање ми изјави, дека се поставува целосно на моја наредба. Тогаш му реков, дека е слободен да реши сам тој на местото, според состојбата, дали не може да упати куршуми на сите тројца, или бар на двајца од нив, коишто ќе му се паднат, по што да се обиде да го фати Пиринот и да прејде кон Дупничко или Самоковско. Претпоставував, дека требаше да гн најде некаде околу Мелник. Ако слично нешто не му појде од рака, тогаш неговата посета пак ќе е од полза и преку самото извидување. Му истакнав, дека сега или неколку дена подоцна расправијата ќе стане најуспешна пак така, кога ќе се испречат нашите другари лице в лице со престапниците, без последните да дозволат таква решителност; тие ќе преземат мерки да не попаднат во заседа по патиштата, ќе одбегнуваат да отседнуваат во пријателски куќи во Софија итн. Нема да се досетат, дека ќе гн удриме таму, каде што сами не повикаа, а особено дека ние ќе ги удриме директно.
Камен тргна. Верував само на половичен успех, затоа што тој одеше сосем сам; одвај би можел да се справи со тројцата, ниту дури со двајцата, ако околу нив има вооружени луѓе. Возможно е да се поколеба, главно кога ќе види, дека неговиот резултат не ќе биде целосен. А може и воопшто да биде тешко да се фати за револверот, ако осети, дека го набљудуваат. Од друга страна, дури и да успее да побегне, пред него се испречуваат стотина километри планински патишта, кои не му се познати и каде што на секој чекор може да биде забележан; подруго би било ако со него имаше еден-двајца другари. Слични расудувања не ми дозволуваа да сметам наполно на успех. Сепак, еден другар, при тоа доста соодветен, беше веќе подготвен за акција.
Без да губам ниту минута, се зафатив со подготовката на другите другари, коишто требаше да учествуваат на средбата со илинденци. Таа требаше да биде мојот главен план. Го сретнав Ѓурков, му открив што се случило со Тодор и го запрашав дали е готов да учествува во борбата против тројката, евентуално во една конспирација против нив, којашто може да изискува и негово лично учество за напад. Тој без колебање одговори, дека е готов на сe, за да им се плати на престапниците. Остануваше да му соопштам што треба да се направи. Во неговата преданост и готовност бев повеќе од сигурен. Му соопштив на Шанданов да се прибере веднаш од Ќустендил; не помнам по каква работа тој се наоѓаше таму од пред неколку дена. Уште со своето пристигање во Софија тој ме најде и ми кажа, дека сигурно нешто важно се случило, за да го викам така задолжително. Му раскажав за сe, што беше потребно и му открив што мислам. Тој со ентузијазам го одобри мојот план за искористување на средбата со илинденци. Своето лично учество и тој го вети безусловно. Уште, при првиот мој разговор со Панчо Михајлов и тој изјави готовност да дејствува, во какви и да е ризици, по планот, кој ќе претставува, како што забележа, дека целата подготовка и реализирање на тој план требало јас да го држам во свои раце, затоа што другите другари, во тој број и тој, не биле добро запознати со состојбата. Му одговорив, дека лица како него дури да би можеле да се заземат со организирањето на работата, тешко ќе биде да го прават тоа, затоа што нивното движење нагоре-надолу обавезно некому ќе му направи впечаток, особено пак неговото движење, откако до сега тој бил во Софија само како гостин и со никакви наши конкретни дела не се занимавал. Од тоа гледиште - да не биде забележано некакво наше раздвижување – се раководев, како што нагласив изрично и пред Ѓурков, и Шанданов, дека и тие со ништо не треба да го променат досегашното темпо и карактер на нивните занимања; исто така никој не треба пред кого и да било да покаже некакво подруго расположение од довчерашното. Особено за Панчо, меѓутоа мислив, дека е неопходно да се преземе и друга мерка - да не му се дозволи во текот на овие денови да ги менува становите, да не се сретне со никого, затоа што се плашев, дека тој може да му се пофали на некој свој пријател што го видел на Пирин, а евентуално и да се издаде, дека нешто ќе се прави; бидејќи беше многу темпераментен и сантиментален, најверојатно беше да истресе некоја закана. А и никогаш не се ослободив од сомнежот, што го имав што се однесува до неговата нестабилност; можеше да го прифати некакво друго размислување, некакво ново расположение, и да се откаже. Со оглед на сето тоа, под изговор на неопходност од полна тајна и тишина од наша страна, тој требаше да биде во моите раце до моментот на нашата акција. На него не му кажав веднаш, дека ќе се искористи средбата со илинденци; тоа тој го дозна два дена пред средбата. Му кажав, дека јас ќе му најдам стан, кој никој од неговите познати нема да го знае, за да не го посетуваат тие денови. И сам го одведов во станот, кај мои пријатели. Му соопштив на Ѓурков и Шанданов како сум постапил со Панчо и тие ги одобрија преземените мерки. Какво беше моето чудење, кога другиот ден, кога отидов да го посетам, кај него најдов една артистка; не можев да допуштам, дека и со неа имал љубовни врски. Но мојата изненаденост идеше од друго - дека по сите клетви и ветувања тој ниту дваесет и четири часа не го зачувал во тајна својот стан; заради повикувањето на госпоѓицата, пред еден четник издаде и каде станува – преку четникот ја повикал и својата љубовница. Се разбира, на четникот му направило впечаток, што Панчо отишол во сосем нов стан, уште повеќе кога момчето требало да биде предупредувано да не ја издаде на никој куќата. Така, моетом убедување, дека со Панчо тешко се вршат сериозни работи, се оправда многу брзо. Сепак, по забележката, којашто му ја направив, тој одново вети никому повеќе да се не јавува.
Ми останаа пет-шест дена на располагање. Јас бев како и до тогаш, во постојано движење низ Софија. Сите мои познати ме гледаа насекаде. Не можеше никој да сфати дали во тие денови јас повеќе талкам или не, отколку порано. А бев постојано на нога и во напнатост; сe требаше да средам покрај другите мои тековни секојдневни работи, коишто не беа малку. Често одев во домот на Лоенгрин[5] , каде што во последно време ме бараа по работа нашите луѓе. А долги часови поминував и во домот на тетка ми, каде што постојано кај мене беше Пламенов[6]. Со него пушев многу цигари; тетка ми исфрлаше цели чинии со покавци и не можеше да се начуди какво е тоа наше пушење. Што од умор, што од голема внатрешна напнатост, не можев преку тие денови да се хранам; ми останало во споменот, дека како да преку десетината денови по погребот на Тодор воопшто не сум јал. Пламенов беше преку целото време исто така во возбуда и мака. До ден денес не сум моминал други такви денови.
Откако веќе и на Панчо му го открив планот, им реков на нив тројцата, дека е добро да дојдат со мене да испробаме неколку револвери. Се согласивме, дека е подобро секој од учесниците во претстојната работа да има по еден парабел и по еден нагант, и неколку полни пачки за парабелумот. Отидовме со автомобилот по самоковското патче зад Панчарево и во долот, кај остриот свиок до мостот, пострелавме со десетина револвери, коишто ги зедов.
Камен веќе се имаше вратено од кај тројката и го донесе потпишаниот мемоар од Протогеров. Тој ми раскажа, дека таа ги превзема сите мерки, за да биде добро чувана; не било возможно сами да ги подреди. Нивното расположение било многу добро. Меѓу себе воделе живи разговори, имале добар апетит и сe покажувало, дека за нив ништо посебно не се случило во македонското дело. Ништо не го запрашале Камен за Прахово[7]. Само ги запрашале како е Брезов.
Незабележано си го обезбедив присуството на 4-5 камиони во Прахово во тие денови, за да бидат на мое располагање при евентуална потреба. Си набележав и десетина откриени автомобили на мои познати; сакав да се послужам и со нив. А ако се наложи, можев да земам и од пазарот уште неколку автомобили. Сите сакаа да ми помогнат за брзото одведување на 100-150 души верни и посмели наши луѓе до Горна Џумаја, коишто закав да ги земам со себеси од Прахово, Перник и Сливово. Во последните две места луѓето во секое време можеа да бидат под рака заедно со старешините на неколку групи. А во Прахово се погрижив пак незабележано да проверам кои погодни луѓе се наоѓаат, кога на тројца - четворица способни да водат групи им реков да не отсуствуваат од градот. Од Прахово сакав да земам околу 40 поизбрани души. Сите тие луѓе можеа да ми помогнат за завладување на положбата во Горничево[8] во два случаји - ако учесниците во нападот отпочнат престрелка и успеат да ја оддржуваат бар три часа, додека да се јави во помош голема група, за да ги спаси и да се наложи; или пак да ја зафати положбата дури кога тие евентуално ќе бидат разбиени. Со таа група, имав на ум да земам големо количество бомби. Во тој момент противникот не би можел да располага со нужното количество бомби во Горничево. Луѓето сакав до таму да ги пренесам како работници, а нивното оружје прикриено; немаше потреба да носат четнички униформи по многу причини. Јас презедов мерки да добијам на време вест ако во Џумаја започне некаква престрелка. По пристигањето на таа голема група, уште погласно сакавме да разгласиме меѓу народот, дека Алековци го убиле Тодор и да ги повикаме сите добри членови на организацијата на наша страна.
Ненадејно во Софија дојде Протогеров и ме повика. Бидејќи петмината посветени другари живеевме во постојан сомнеж, дека тројката може да не испревари, особено преку некакво посегнување врз мене, не посомнева неговото пристигање. На средбата тргнав со Пламенов и уште еден двајца другари. Јас отидов сам во куќата кај него, во домот на Стаматов, на ул. Венелин 16, а Шанданов со другите верни, но непосветени луѓе во нашиот план, остана да чека на аголот на булевар Фердинанд. Се бевме договориле, дека јас по секоја цена ќе излезам после 20 минути, а ако не излезам, Шанданов со другите на сила ќе влезе во куќата да види што се случило со мене. На определеното време јас излегов. Како по чудо Протогеров тогаш се заинтересира за врвежот на работите во софискиот пункт; ми побара доста заповеднички да му го поднесам списокот на оружјето, со кое што располагаме, како и на сите други материјали; ми даде дури и образец за списокот на луѓето, на коишто јас сметам, и кои одговараат за идната работа. Јасно беше, дека тројката сака да се информира со колку луѓе, материјали и пари располагаме - со оглед на нејзините планови, во коишто без сомнение влегувало пред сe моето ослабување. Ни сенка не беше останала од онаа омрлушеност, којашто Протогеров ја покажа пред нас при погребот. Сега тој за Тодор ништо не спомена; Се наметнуваше во изнаоѓање на различни ситни теми за разговор, како човек, кого што го интересираат само претстојните работи, а не тоа кое што е веќе минато. На кратко и во општи црти му одговорив на неговите прашања и побрзав да си излезам под изговор, дека имам некакви определени средби. Му обеќав да ги приготвам бараните списоци. По ден-два тој замина за Горна Џумаја.
Во тоа време јас веќе им доверив нешто од планот на двајца луѓе, кои не влегуваа непосредно во конспирацијата - Прличев и Баждаров. Подробности не им дадов, но ги информирав, дека ќе се дејствува против тројката. И двајцата најенергично настојуваа да не се посега врз Протогеров, затоа што било неопходно да остане бар еден од членовите на Централниот комитет. Инаку би било тешко да се свика конгрес итн. Овој доказ ми се гледаше сосем епитропски - не сме можеле да минеме без најголемиот виновник за убиството на Тодор. Немав време за губене во спорови. Од друга страна, бидејќи бев длабоко убеден, дека најзначајното ќе се сврши и преку отстранувањето само на двајца, се согласив да биде поштеден Протогеров, кој не би можел да игра друга улога, освен таа на играчка во нашите раце, многу повеќе, отколку што беше во рацете на Атанасов и Алеко. Притоа сметав, дека во иднина никој нема да му доверува некакво одговорно место, туку просто ќе биде отстранет од делото. Прличев и Баждаров толку многу настојуваа за неговото запазување, што или требаше да се согласам со нив, или требаше да ги навредам, да прекинам со нив и значи да го дозволам оформувањето на незадоволен кружок помеѓу довчерашните пријатели и блиски луѓе на Тодор. Впрочем, јас не бев и наполно сигурен кои точно од тројката ќе бидат кутнати; можеше да се случи Протогеров и без тоа да се спаси при нападот, па затоа со уште поголемо спокојство реков да биде поштеден. Блиската иднина отлично покажа, дека Прличев и Баждаров си вложувале своја фина сметка, кога настојуваа да не се посегне врз него. Треба да истакнам, дека во тоа време јас верував, како во нивната преданост кон споменот на Тодор, така и во нивните искрени грижи за доброто на делото. Ако некој тогаш би дошол да ми каже, дека тие во даваните мислења вложувале свои неморални сметки, јас би го зел за непријател, којшто цели да внесува интриги и да го растројува нашето дело.
Суштинска точка на планот беше да се подготви една група во самата Горна Џумаја, којашто веднаш би притекла во помош на другарите, кои непосредно ќе дејствуваат. Таа група требаше да биде раководена од верен тамошен човек, кој единствен ќе ја знае тајната и никому од групата нема да му кажува што има да се прави. Најсоодветен за таква задача ми се гледаше Иван Караџов, неодамнешен пунктов началник во Горна Џумаја. Тој беше отстранет од своето место пред неколку недели, затоа што пројавил нетактичност и бруталност при обидот да ги откријат убијците на Турчинот Махмуд ефенди, жител на Горна Џумаја и учесник во организацијата. Махмуд бил убиен - во тоа не се сомневаме - по наредба на Алековци, затоа што ги критикувал и се спротивставил на некои нивни наредби. Тој му беше добар пријател на Караџов, а то беше мразен од тројката, особено од Алеко и Атанасов, на кои не пим опростуваше – ги критикуваше сосем отворено за нивните грешки и направените малверзации од Алеко. Значителен број граѓани во Џумаја, како и многумина храбри луѓе, се вслушуваа во зборовите на Караџов, особено што го знаеја за стар и голем пријател на Тодор. Но точно е, дека тој многу често правеше нетактичности, внесувајќи чудна своеобразност во многу случаи, - и покрај тоа што секогаш беше чесен, со добри намери и апсолутно предан. Тодор, во своето настојување да ги изгладува до последни граници недоразбирањата со тројката, пред големите протести на Алеко и Атанасов против пројавите на Караџов, се беше решил да му го одземе организационото место, кога со едно крајно строго писмо му забрани повеќе да се занимава со македонските работи и му предлагаше, ако сака, да замине како учител во Цариград, каде што ќе му биде издејствувано место. Караџов не замина за Цариград; со голема брзина се потчини на Тодоровата наредба, повторувајќи често, дека
Алеко и Атанасов го поткопуваат делото на Тодор. Тврд човек беше Караџов и наоѓаше начин да ја прикрива својата болка.
Убеден, дека Караџов и сега си останува верен на Александров и дека секогаш ќе биде готов за една борба против Алеко и Атанасов, особено кога ќе разбере, дека посегнале против Тодор, јас него имено го најдов за најсоодветен да застане на чело на една месна Горно-Џумајска група. Уште повеќе, што тој секојдневно беше во врска со многумина месни дејци и четници на одмор, па неусетно ќе може да ја организира групата околу себеси и да ја постави во дадениот момент, каде што ќе посака во градот. Притоа сметав, дека ќе ја зачува и тајната. Умееше да молчи. Караџов беше човек, кој прифаќаше ризици - квалитет, којшто малку го поседуваат на неговата возраст дури и меѓу македонските средини, иако тоа е со име на борчка средина. Сметав за сe неопходно на машина да му напишам и да му го испратам преку несомнително лице во Џумаја. Меѓутоа случајно дознав, дека бил во Софија. Веднаш го најдов. Не знаев, дека бил во Варна на летување и од таму сега се враќал. Беше среќна случајност, што можев лично сe да му објаснам. Се позамисли малку Караџов, закрцка два-три пати преку забите во знак на изненадување и на мака за убиството на Тодор, кажувајќи: "Бре, бре, гледај што направиле тие маскари..." и додаде: "Нема друго. Треба да се испотепаат".
Му објаснив кои другари ќе пристигнат на 12 септември во Џумаја; дека таму ќе дојдат илинденци, дека ќе пристигне и тројката. Тој ќе треба да му каже поодделно на не повеќе од тројца молчаливи и храбри луѓе да имаат под рака по двајца-тројца свои другари. Сите тие десетина души да имаат револвери и пушки, евентуално и по некоја бомба. Нападот од нашите другари ќе биде извршен најверојатно по стемнувањето. Караџов нема да се врти често околу пристигнатите другари од Софија низ градот, но мајсторски ќе ги следи кога тие ќе отидат на средбата со Алековци и илинденци. После тоа самиот тој ќе биде близу, а и неговите луѓе ќе се наоколу, низ улиците или блиските дворишта, кога ќе се стемни. При првиот грмеж од внатре, од куќата, во којашто се нашите другари, групата на Караџов ќе ги фати најудобните агли наоколу, за да не му допушти на никој да им притекне на помош на Алековци, а истовремено ќе дава истрели во воздухот, за да внесе уште поголемо изненадување меѓу тројката; исто така би ги пресреќала другарите на Алеко кои ќе излегуваат од куќата, четници, ако евентуално со него има такви, ќе ги разоружува или ќе пука по нив ако бегаат. При успешното спроведување на акцијата, веднаш ќе им јави на сите наши верни луѓе во градот, дека Тодор бил убиен, за да не биде некој заблуден и да не се препушти на противничките сугестии. Со Караџов се договоривме и кои десет до 15 души ќе се погрижи тој да ги организира. А на тројцата другари, кои требаше да заминат на средбата, реков, дека ќе им биде организирана подобна група во нивна поткрепа.
Караџов замина. Сега веќе требаше да ги повикам Георги Занков и Арсениј Јовков да заминат за Горна-Џумаја, и да земат, ако најдат за потребно, и уште некој друг член од раководното тело на илинденската организација. Ми мина преку умот, дека Алековци може би тајно и да им соопштиле веќе на нив двајцата за убиството на Тодор. Јас во секој случај требаше да ги поканам на средбата и од името на Тодор, кога им истакнав, дека ќе се одржи средба за разјаснување на сите недоразбирања. Го најдов Занков во канцеларијата и му соопштив за упатената покана до нив преку мене. Тој ме запраша дали и Тодор ќе присуствува на средбата. Зачував полно спокојство и му одговорив, дека обавезно и Тодор ќе е таму. Колку што помнам, му додадов, дека ако сака може по телефон и сам да го запраша Алеко за повеќе подробности. Си мислев, дека кога Занков ќе разговара со мене ќе се стреми да долови дали на мене ми е позната тајната за убиството на Тодор. И затоа вложив напор да не му оставам сомнеж, дека нешто знам; ако се издадев преку паника, возможно беше тој од своја страна да се запраша од кои причини го лажам што се однесува до Тодор; не можев да сум сигурен, дека му е познато прифатеното задолжение од нас кај гробот на Тодор да молчиме за неговата смрт. Воопшто, нашиот краток разговор со Занков го водев со полно сомнеж и несигурност. Но тоа, што единствено ме интересираше, се постигна - тој обеќа да тргни со Јовков и П.Ацев, стариот прилепски војвода, член на раководното тело на илинденската организација, и на 12 септември да бидат во Џумаја. За автомобил се погрижив јас.
Тројцата другари - Јосиф,[9] Панчо и Пламенов - тргнаа уште на 11 септември со намера да дејствуваат уште истата ноќ, кога ќе отидат на видување со тројката. Тие требаше да кажат за мене, дека ќе пристигнам другиот ден, бидејќи ме задржале некакви работи. До изутрината рано не добив никакви податоци за каква и да е акција, од што заклучив, дека другарите поради некоја причина не успеале ништо да направат. Тогаш намислив покрај договорената конспирација да прибегнам кон друга, кога испратив друг другар, кој би дејствувал при можност и независно од нив. Соодветниот во случајот беше пак Камен, кому му објаснив што било наредено, но дека една ноќ е веќе изгубена. Тој требаше да отиде во Џумаја, за да им соопшти на тројката, дека јас сум се разболел, па ќе закаснам најмалку за еден-два дена; неговата цел ќе биде да ги суреди Алеко и Атанасов, или бар само првиот. За Протогеров носеше некое неважно писмо.
Природно, Камен би можел најточно да ги возобнови сите подробности околу акцијата, така како што таа се развила на местото. Некои нешта за неа се соопштени во двете книги, издадени од ВМРО во врска со убиството на Тодор и на Протогеров. Тука јас ќе споменам само во општи црти како сe се случи.
Тројцата другари биле на разговор со тројката во домот на Панајот Рајнов. Со умисла еден од нив започнува да го разгледува карактерот на Александров, а Протогеров со задоволство се фаќа за таа тема и остро го критикува Тодор, откривајќи си ги и тој пат своите чувства. Но не само тоа, туку изјавил, дека прекинатите разговори со болшевиците обавезно треба да бидат возобновени.
Во собата влегол Камен. Атанасов пред тоа, меѓутоа излегол и отишол во некоја од соседните соби. Алеко веднаш го прашал Камен каде е Иван Михајлов. Тој му објаснил дека Михајлов не може да дојде поради заболување. Вознемирен, Алеко заканувачки кажува: „Да не мисли тој да се става над нас! Зошто не дојде да ги обвинува илинденци? Дај да видиме какви обвиненија испратил против нив“. Камен објаснува, дека не носи никакви обвиненија и дека не е крив за недоаѓањето на Михајлов; тие можат да го повикаат, иако е болен, да дојде. Алеко го потупал Камен по рамото и тргнал да излегува, а Камен учтиво му дал пат да помине. И уште кога го пречекорувал прагот, веќе свртен со грбот кон Камен, овај го вади пиштолот и го усмерува во тилот на Алеко, кој се струполил пред вратата. Некаде од спротивните соби Атанасов започнал да пука. Другарите одговориле од нивната соба и откај скалите. Таа престрелка продолжила неколку минути, додека четворицата другари успеале, едни преку скалите, други скакајќи преку прозорците, да се извлечат, а и револверот на Атанасов веќе не се слушал. Во тоа време групата на Иван Караџов била наоколу и пукала во воздух; покасно се собрала околу четворицата. Пред да се растрча војската или да се јави некој друг, се било завршено.
Откако паднал Алеко, Камен не можел да го задржи својот јад, го фатил за јаката Протогеров и целиот растреперен, со револверот во раката, неколку пати му го упатил преку заби прашањето: „Кажувај, кој го уби Тодор?“ Протогеров останал без душа од страв, возбудено плачел и повторувал некакви несврзани зборови, од којшто Камен го запомнил само ова: „Сме биле пријатели со татко ти“ ... Сепак, Камен точно ја исполни наредбата да не се посега врз животот на Протогеров.
Во текот на таа ноќ и другиот ден утрото во Горна Џумаја паднаа уште двајца-тројца Алекови другари, меѓу кои и потполковникот Атанасов. Топј бил откриен во еден двор од седумнаесет годишен член на организацијата, бегалец од Скопје, срчен младич. Потполковникот преку ноќта прескокнувал преку многу огради и дворишта, без да знае што станува и без да може да се извлече вон од градот. Кога младичот го забележал и му викнал да се предаде, Атанасов многи збркан зел да мрмори: „Не плашете се, не плашете се“. Треперејќи го држел својот револвер в рака, без да се обиде да се заштитува. Младиот момок го протера пред себе си и не можеше да се начуди како било возможно тој, познат божем како храбар офицер, да падне во положба на најбеден страшливец. Не може да има сомнеж, дека во случајот свој печат има внатрешниот немир, каењето и песпатицата; тие го здрвија Атанасов, откако го видел безживотниот труп на Алеко, зад кој се криел, и откако почувствувал дека е заобиколен насекаде, и од неизбежната одмазда за извршениот подол и голем престап. Тој немаше возможност да види каква бура од вознемиреност го опфати општеството, кога се дозна што станало со Тодор. Атанасов требаше да остане жив, за да ги каже и најмалите подробности што се однесуваа до заговорот на тројката; да подобјасни на кои министри и офицери сметале во Софија, а од друга страна како заговараа конспирација со комунистите. Но за миг се појавил Асен Даскалов и без мнугу да му ја мисли, му свирнал еден куршум в чело.
Така,на 12 септември 1924 година бешпе спасено сe, што можеше да се спаси после страшното зло, нанесено на 31 август на македонската ослободителна кауза со убиството на Тодор Александров.
1. Брезов – псевдоним на Иван Михајлов.
2. Под името „Алековци“ се има во предвид главно трите души: самиот Алеко Василев, раководител на работите на ВМРО во Пиринска Македонија, со помош на Георги Атанасов, и А. Протогеров кој често се наоѓаше околу нив, кој наскоро се имаше вратено од странство.
3. Маскарлак – турски збор, што означува безобразност.
4. Камен – псевдоним на Кирил Дрангов.
5. Лоенгрин – псевдоним на Наум Томалевски.
6. Пламенов – псевдоним на Перо Шанданов.
7. Прахово – псевдоним на Софија.
8. Горничево – псевдоним на Горна Џумаја.
9. Јосиф - псевдоним на Јордан Ѓурков.