top of page

Убиството на Тодор Александров

          Репутацијата на македонската револуционерна организација во почетокот на 1924 година си остануваше се така пораснатa, како што ја беше создала борбата во поробена Македонија и таа против, разните странични соработници на поробувачот. Меѓутоа, постепено, една недоверба, една несигурност растеше во нејзините врвови. Широките редици на нејзините членови и истомисленици тоа не го чувствуваа, но од ден на ден стануваше поголем бројот на дејците и од поскромен ранг, кои започнаа да разбираат, дека нешто не е во ред. Многумина брзаа да го споделат со некого од поблиските до Тодор своето неспокојство и да ги соопштат своите впечатоци. Тревожните шепотења и разменување на впечатоци особено се засилија откако од странство се врати Протогеров и стана неразделен сопатник на Алеко и Атанасов. Неговото враќање можеше да има само еден резултат – да му пречи на Тодор. И неговиот престој во странство имаше само едно оправдување - да не му пречи на Тодор, како што се беше изразил пред мене Кирил Прличев, уште по неговото заминување три години порано.

 

          Колку пати во текот на последните месеци се среќавав со Александров, секогаш му ги соопштував своите најнови впечатоци, а и се друго што ми беше донесувано од пријатели, или што се озборуваше меѓу општеството околу создадените односи во ВМРО. Се сеќавам, дека преку целиот пат од Своге, каде што со Петар Станчев и Дончо Чуларинов бев отишол да го причекам при неговото враќање од странство, во пролетта 1924 г., само за тоа му изнесуваа факти. Тој кратко време престојуваше надвор. Во негово отсуство работите тргнаа полошо. Очевиден белег за тоа беше дал особено конгресот на легалната илинденска организација, чиишто тројца-четворица раководители се препуштија на комунистичките сугестии и од друга страна ги исполнија желбите на тројката Алеко-Атанасов-Протогеров. А тие тројца веќе бараа морална поддршка н сојузништво по сите правци, против Тодор; најдемонстративно тоа го докажаа во случајот со илинденската организација. Им го истакнував пoлното валкање на организацијата надвор од рамките на нејзиниот статут, нејзиното запаѓање во противречност со духот и целите на нејзиното создавање. Протогеров само слушаше, гледајќи ме без да промрмори ниту збор, и си отиде во другите соби, а Алеко, кој овој пат ме слушаше пољубезно од секогаш, ми рече, дека од сe си земал добра белешка и ќе побрза да повлијае преку пријатели, да на илинденскиот конгрес во Пловдив да не се направи ништо, што ќе е во спротивност со нашите досегашни општи сфаќања и со досегашната хармонија меѓу македонските општествени пројави. Ова тој ми го кажа на својот попрост јазик, но смислата беше истата. Можеби неколку часа по нашата разделба, а можеби и уште пред нашиот разговор, Алеко испрати писма и направи сугестии меѓу илинденските првенци точно во обратна смисла на тоа, кое што го ветуваше; отворено ги поттикна да заземат опозиционерско држење против Александров. Природно, илинденската организација не се мешаше во нелегалните работи; опозиционерското држење спрема Тодор се изразуваше, следствено, во тајни и некаде јавни агресии против него, во фалење на тројката, којашто постепено се оформуваше како партија во ВМРО итн.

 

          Макар со голема претпазливост, од страна на тројката се правеа и посмели чекори, како на пример обидот за придобивање на приврзаници и меѓу луѓето, коишто дејствуваа во Скопскиот револуционерен округ, кој секогаш бил цврсто во раката на Александров. Војводите од овој округ, Иван Брљо и Панчо Михајлов имаа злодела. Тодор беше собрал доста обвинителен материјал за нивното судење. Тројката ги знаеше гревовите на двајцата војводи и побрза да ги придобие. Љубезностите се упатуваа повеќе кон Панчо Михајлов, бидејќи беше повозможно тој да биде среќаван, затоа што често прескокнуваше до Софија. А Брљо тешко можеше да се оддели од својата средина; тој живееше во Ќустендил, па секој негов чекор беше видлив. Додворувањата кон Панчо беа чести од страна на раководителите на илинденската организација, особено на Арсениј Јовков, редакторот на весникот "Илинден". Еден ден ме најде бившиот дебарски војвода Силко Цветков и возбуден ми раскажа, дека против Тодор нешто се организира и дека сакал да соопшти некои податоци. Го замолив да напише писмо или да ми раскаже на мене што знае, а потоа, ако Тодор најде за нужно, ќе го повика. Силко најдоверливо ми соопшти, дека го викал неговиот сограѓанин Арсениј Јовков и го убедувал да го напушти Александров, да се приближи кон нив, објаснувајќи му, дека тие со себеси веќе го имале мнозинството од дејците на ВМРО. Под "нив" Силко ја разбираше тројката и првенците од илинденската организација. Арсениј му објаснил, дека и повеќето легални општествени работници веќе биле против Тодор, а започнале да го напуштаат и војводите од Скопски округ. Изрично биле споменати имињата на Панчо и Брљо. Арсениј му кажал: "Сношти Панчо беше кај мене и тој е наполно со нашите сфаќања. Тодор останал само со неколку души". Силко ми порачуваше усно да му пренесам на Тодор, дека илинденци станале комунисти. Јас го однесов писмото и му го раскажав усно тоа што го бев чул.

 

        Јовков не можеше да си дозволи да води агитација против Александров ако ја немаше поткрепата и довербата на нашата тројка. Неговото лично незадоволство затоа што Александров не го направи пратеник во Бугарија по превратот во 1923 година не беше доволно, за да му даде сличен кураж. Такво незадоволство вдахнуваше и претседателот на Илинденската организација Георги Занков.

 

          Како началник на штабот на озлобената тројка се јавуваше потполковникот Атанасов. Неговите наредби, сите негови планови за дејност водеа кон едно издвојување на реоните, коишто тој и Алеко ги раководеа со полномоштво од Александров. Тој се обиде и легалните младешки организации во Петричкиот округ да ги постави во одделна окружна централа, па на тој начин да ги одвои од влијанието на општиот сојуз на македонските младинци низ цела Бугарија со раководното тело во Софија. Беше повикал некои од членовите на тоа тело, за да ги убедува во ползата од создавање на окружен сојуз за Петричко. Јас се најдов на таа мала збирка во Горна Џумаја и заедно со другите младинци, мои одамнешни другари, изјавивме, дека е покорисно да се зачува досегашниот единствен сојуз; но ако некакви специјални потреби, по оцена на ВМРО, ја диктираат предлаганата промена, не останува ништо друго освен завршното решение да биде соопштено на младешкиот сојуз, за да ја сообрази својата понатамошна работа според новата состојба. Атанасов сфати, дека неговата намера удира во камен, но најде можност да се извлече со идејата за дополнително разгледување на прашањето. Ние го споделивме убедувањето, дека потполковникот се раководи од мисла за потчинување на својата воља на младината во окруот и дека тука мириса на некакво отцепништво. Јас се сретнав со Тодор и му раскажав се, и го замолив да му стави крај на тие обиди. Навистина, беше испратено писмо до Алеко, со кое што Тодор решително се изјасни против мешањето на Серскиот револуционерен комитет во работите на легалните организации во Петричкиот округ, со други зборови кажано - против мешањето на Алеко и Атанасов.

 

         Тројката беше во често движење низ Петричкиот крај. Многу средби организираше таму, распраќаше многу писма, сметајќи се, дека таму се наоѓа во своја тврдина. Во Припечанските бањи и на други места од Софија беа повикувани и разни нивни пријатели, од кои некои играа значајна улога во бугарскиот општествен живот или меѓу легалните македонски организации. Но тројката не успеваше во сите разговори да ја прикрие својата злонамерност кон Александров, туку понекогаш се минувало и во остра критика против него. Подробности од овој род се дадоа на времето во книгите, коишто ВМРО ги издаде во врска со убиствата на Тодор и Протогеров.

 

          Многу јасно беше сфатено од нашите луѓе, особено во Неврокопско, дека Алеко им дал поддршка на прикриените непријатели на Организацијата. Тој и Атанасов сосем отворено ги задоа под свое покровителство и оние комунисти во Разлошко, кои во септември 1923 г. дигнале бунт, искористувајќи го оружјето кое им беше дадено од ВМРО како на нејзини лојални членови, за какви што под чесен збор и се изјаснија. Тодор даде наредба да бидат казнети водачите на овој бунт, кој лошо ја накрни дисциплината во ВМРО. Наместо да ја исполнат оваа заповед, Алеко и Атанасов ја искористија токму за да ги привлечат на своја страна виновниците, со надеж и таму да најдат поддршка во проектираната отворена борба против Александров.

 

          Така од ден во ден се трупаа докази за една дејност, којашто го подриваше единството во македонското дело и подготвуваше отворен раскол. Немаше потреба повеќе да убедуваме и да наведуваме факти. Верните пријатели на Александров се интересираа пред сe за едно прашање – дали тој доволно внимава за својата заштита. А потоа секој од нас настојуваше за итни мерки против виновниците. Одоговлечувањето стануваше опасно. Имаше случаи наши пријатели да изјавуваат, дека не е исклучено некаде да се дојде до расправии. Еднаш во Софија дојде и Стојан Филипов, за да му каже на Тодор од името на сите свои другари од Неврокопско, дека тие настојуваат сами да се пресметаат со Алеко, затоа што инаку ќе настанат големи безредија во нивниот крај поради Алековите интриги. Таму беше полесно да се создадат непријатности, затоа што како жар под пепел стоеа некогашните страсти од времето на борбите меѓу ВМРО и санданистите. Впрочем и без тоа можеше да се најдат луѓе со лични манири не само таму, туку во сите ограноци на организацијата - без да биле некогаш санданистн. Малку ли беа тие, коишто сакаа да се сметаат како за добри патриоти и за сериозни луѓе, коишто се умилкуваа пред Алеко Василев само за тоа, што имаа апетит да станат народни претставници, а тоа до некаде зависеше и од Алеко како раководител на Петричката област?... По смртта на Тодор некои од нив се стеснуваа и одбегнуваа да ме поздрават, за да не проговориме околу блиското минато, во кое што нивното подлизурство имаше не мал дел за трагичниот крај на Тодор. Такви типови изобилуваа, на жалост, во бугарската општественост; ги има и меѓу македонската интелегенција. Еден човек со помала интелигентност од просечната, како Алеко, кого што само една случајност привремено го беше истакнала да игра значајна улога, лесно можеше да си помисли, дека е нешто повеќе отколку што е во стварност, штом кобајаги бивши генерали, училишни инспектори, редактори на весници и др. се најдоја да му се умилкуваат. Тој набрзина си вообрази, дека станал поголем и од Александров, дека последниот се јавува просто како излишен.

Но несомнено најпакосно влијание врз Алеко направи потполковникот. Тодор го испрати Атанасов кај Алеко со цел божем тој да биде втеран постепено во ред. Секогаш сум се каел, што му напишав на времето две писма до Тодор, со коишто настојував да го повика кај себе, во поробена Македонија, потполковникот Атанасов. Тој човек случајно стана македонски деец. Во кафеанчето "Панах" во Софија, имаше убиено двајца членови на владеачката земјоделска партија. Се криеше по разни куќи во престолнината, главно меѓу Македонци. Јас неколку месеци исто така се криев. Стапив во врска со него и дознав, дека е готов да стане четник. Имаше исто така намера да се обрати до Мустафа Кемал Паша, кој во тоа време беше почнал во Анадолија борба против Грците, за да биде прифатен како доброволец во турската народна армија. Се доби од Александров благопријатен одговор и Атанасов замина за Кочанско, каде остана извесно време кај Тодор и од таму беше упатен за Петричкиот округ, под бугарска власт, како секретар на Алеко.

 

          Ефрем Чучков, кој имаше можност да го набљудува Атанасов, го нарекуваше "див петел". Неговата амбиција беше необуздана, дива и одвратна. Таму каде што требаше да се дејствува со такт, тој дејствуваше со грубост; каде што беше потребно да се убедува - тој наредуваше. Пред превратот од 9 јуни 1923 г. се врати во Софија нелегално, со полномоштво од Тодор, за да се сретне со негови познати, бивши колеги од армијата, со некои лица од партиите и др. Се гледавме често во пријателски куќи. Избегнував да водам со него долготрајни разговори; тоа ми беше невозможно. Се задоволував да дадам или да земам кратки податоци што се однесува до нашите работи. Не можев да го трпам неговото формалистичко однесување. Беше постојано навикнат да црта кругчиња, квадратчиња, стрелки и семожни други фигурчиња, кои не водеа кон ништо практично и успешно. Полошото беше, што во тие опасни денови тој секојдневно си ги запишуваше имињата на сретнатите лица а земаше подробни белешки и за водените разговори. Тогаш слични нешта требаше да се избегнуваат. Кога му направив забелешка во најучтива форма - цел позелена. Продолжи да разнесува од куќа во куќа едно мало куферче, целото наполнето со листови, ишарени со фигурчиња, имиња и раскази за водените разговори. Кога се преселувавме од еден стан, на улица го запршав што би правел со куферчето, ако ненадејно не нападне полицијата. Наместо одговор тој се почука по револверот и кажа: "Тука има двеста куршуми..." Тоа беше површен фаленчарски одговор; секогаш имаше ризик куферчето да биде заробено, дури ако тој би отепал и двеста души, според неговата сметка. Друг пат требаше да проговориме со него што се однесува до пронаоѓањето на двајца луѓе од стара Бугарија, коишто за лична корист лошо го изложиле името на ВМРО, без никогаш да имале ништо заедничко со неа. Јас бев зачуден кога го најдов Атанасов со раширена карта на Бугарија пред него, а до неа на десетина места забодени иглички. Ми објасни, дека на картата биле означени местата, каде што претпоставувал дека се кријат двајцата престапници. И сe, што ми зборуваше што се однесува до неговите планови за нивното фаќање, беше така туѓо за мене, оддалечено од секаков поим за конспирација, без било каква сличност од една револуционерна пракса. Но, за да му предложам друг начин на дејствување, требаше грижливо да избирам зборови, фрази и тонови. Инаку, ризикувавме да се скараме и да се осуети секоја наша понатамошна соработка.

 

          Во мојата памет се врежа и еден друг случај. Бевме отишле во Пловдив по превратот од 1923 година - Алеко, Атанасов и јас. Во домот на еден пријател свикавме дваесетина од најбогатите, влијателни пловдивски граѓани, пред коишто требаше да се изнесе потребата за потпомагање на македонското дело со парични средства. Атанасов, кој единствен од нас зборуваше, наместо да ги стокми неколкуте фрази, како што прилегаше за пред една интелигентна средина, тој на присутните им предаваше како некаква воена наредба. Кога го заврши својот говор, еден од поканетите, свесен човек, замоли ако е возможно да се каже од нас нешто за духот на поробените Бугари и за изгледите за ослободувањето на Македонија. Таа молба не беше ништо друго, освен израз на искрена желба да се научи нешто охрабрувачко за најважното бугарско народно прашање. Но бар на тоа прашање да дадеше Атанасов еден поднослив одговор... Тој стегна усни од јад, одвај дочака човекот да ги заврши своите зборови и дрско изјави, дека не било работа на никој да се интересира за животот на организацијата, да знае што таа прави и што проектира, ниту на што смета за својот успех. Сите молчеа, а поставувачот на прашањето се збуни и засрами. Кој знае дали Алеко сфати колку лошо постапи Атанасов; јас не знаев каде да погледнам. Ако ослободителното дело изискува пред сe да се придобиваат луѓе, тогаш Атанасов можеше само да ги отуѓува.

 

          За Протогеров, кој ги даваше своите благословија на другите двајца, исто така му се дадени подробности во специјална книга, издадена од ВМРО, и за неговиот карактер и за неговото однесување во тоа време. Еден од неговите интимни пријатели најточно ја определува неговата душевна состојба, зборувајќи, дека Протогеров постојано му завидуваше на Тодор. Секое негово размислување и делување во врска со македонското дело беше исполнето од таа завист.

          Со помош на Протогеров тројката се надеваше да ја има благонаклоноста на влијателни лица од тогашната бугарска влада. Тој беше добар пријател со премиерот Александар Цанков и со министерот Јанко Стоенчев; тие служеле за време на големата војна во дирекцијата за стопански грижи, на чело на којашто беше поставен Протогеров. Добар познајник беше и со министерот за внатрешни работи генерал Русев, кого што Александров во едно свое писмо го нарече фелдфебел. Некој ми раскажа, дека Русев го мразел Тодор уште од 1913 година, кога последниот го изругал затоа што тој - Русев - во својството на виши офицер од Штабот на армијата, која дејствуваше кај Штип, пројавил бојазливи сомнежи во успехот на претстојните воени дејствија, во чиешто подготвување и план самиот Русев имал голем дел. Пред силната личност на Тодор многумина од тие, коишто во тој момент беа или се готвеа да бидат фактори во Бугарија, претпочитаа на чело на македонското дело да има некој слабак, речиси без воља, човек како Протогеров, за да избегнат не само да чујат од време на време мислења по народните прашања од страна на тоа дело, туку дури да можат да се служат со него по своја лична оцена. За целата револуционерната дејност против поробувачот, за целата политичка акција на ВМРО, за создавањето на општествена сила и во лицето на македонската емиграција, Тодор тогаш ја имаше главната, ако не и единствената заслуга, - тоа добро го знаеја соодветните фактори. И кога на некои од нив им стана ќев да почнат политички флерт со Белград, а за това како пречка им се гледаше суштествувањето на македонската ослободителна борба, не другиот, туку Александров започнаа да го напаѓаат. Реферирано ни беше од сигурни извори како се изјаснувал за македонските дејци Ал.Цанков; но треба да се појасни, дека тој ги посочувал само луѓето околу Т.Александров, а со Протогеров продолжуваше до крај да биде добар. Перо Шанданов ми соопшти, дека во интимен разговор, при чаша вино, резервниот полковник Цанев од тајфата на Дамјан Велчев, сметајќи го за свој добар пријател му кажал, дека ако Александров не стави крај на револуционерната дејност во Македонија, тие сакале и со оружје да се пресметаат со него. Шанданов вети, дека ќе продолжи и понатаму да разузнава што мислат луѓето околу Цанков и Велчев за македонското дело, но наместо да ги разузнава тој се спријатели со нив, така да неколку години подоцна тие можеа да направат од него свое оружје за внесување раскол во македонската организација. За сите овие луѓе македонската борба имала смисла само додека го направат превратот против власта на Стамболиски. За нас, меѓутоа, и на прво место за Тодор, Македонија и по 9 јуни 1923 година си остануваше поробена и борбата требаше да се продолжи. Споменатите средини, значи, се јавуваа за тројката Протогеров - Алеко - Атанасов како готова позиција меѓу бугарскиот општествен живот, којашто ќе им биде полезна при еден раздор со Тодор. На многу места Протогеров го оцрнуваше Александров, се поплакуваше од некакво негово севластие, бараше утеха и поддршка за својата ништожност, што беше непоправливо. И Атанасов шушукаше овде-онде со лични свои пријатели резервни офицери во Софија.

 

          Една ноќ се шетавме низ софиските улици со Тодор; отидов да го земам од домот на пријателите, каде што беше на разговор. Низ улиците беше совршено тивко. Му раскажав одново за држењето на тројката, којашто стануваше се понедоверлива, пооддалечена од нас. Му кажав, дека Алеко и Атанасов при нивното последно доаѓање во Софија не сакале јас да дознам кога ќе го напуштат градот и по кој пат ќе заминат. Изрично го запрашале Никола Божинов при нивното тргнување дали јас знам од каде ќе минат. Помислиле, дека Никола е повеќе предан кон нив. Запрашувањето му направило впечаток на Божинов и тој побрза тоа да ми го соопшти заедно со своето чудување. Јас бев исто така мошне изненаден. Не претпоставував, дека овие луѓе веќе дејствуваат до таков степен тајно од нас и дека во некој вид веќе се оградуваат. Си правев пресметки до каде може да стигнат. И, во таа летна ноќ ги искажав пред Тодор сите опасности. Штом се плашат нам да ни го откријат нивниот пат, значи нешто кројат, нивните намери не се многу чисти; тие се плашат да не бидат испреварени од некоја наша заседа по патот, а тоа може да значи, дека не се далеку од мислата сами да организираат заседа. И нагласив пред Тодор тој пат, дека јас на негово место не би заминал повеќе низ местата, каде што тројката е во состојба да организира нешто против него, туку би се движел само низ нашите најсигурни средини, додека сe биде ставено во ред. Тој ми кажа, дека сите негови податоци покажувале, дека Атанасов и Алеко го удриле преку просото и дека многу работи ќе се измешаат ако се остават така, добивајќи поттик од Протогеров. Следствено, во најнаскоро време би требало да се преземат решителни мерки, така заклучи Тодор. Го запршав да ми каже, ако може, на какви мерки смета, дека се неопходни. Ми одговори, дека можел напр. да издаде распис, со што Алеко и Атанасов би биле исклучени од организацијата и прогласени за разбојници, предвид на многуте злоупотреби со доверената им власт и редица други прекршоци, кои ќе бидат наведени во расписот. Тогаш, објаснуваше тој, тешко може некој да ги прими во Петричкиот округ и на друго место. Тие сосем ќе отпаднат, изоставени како излишни предмети.

 

          Извини за моето смело мислење, одговорив јас, но слична мерка ми се гледа несоодветна во случајот, а може и да биде опасна, затоа што најмалку неколку стари бандити околу Алеко ќе се присоединат кон двајцата и може да ни создадат извесни грижи, а во краен случај и тие може да им се предадат на поробувачот, како што на времето направија Стојан Мншевцн, Паницовци и др. Наместо таа ризична неизвестност, подобро е, заклучив, да се отстранат конечно двајцата, што никако нема да е тешко, или пак можеме да ги фатиме и за извршените престапи да бидат испречени пред судот на организацијата. Тодор се замисли и по неколку чекори кажа: "Имаме уште време, ќе помислиме што ќе е најдобро. Во секој случај, веќе треба да се преземат мерки".

 

          Од овој разговор јас се убедив, дека Тодор многу страда поради создадените нови непријатности и главно, дека тој некако како да се колеба што се однесува до своето решение. И тогаш, а и покасно често сум се запирал да си го објаснам тоа возможно колебање. Кои можеа да бидат причините? Сe друго, што би можел да кажам како одговор на тоа прашање, може да биде само делумно точно, ама едно со сигурност го тврдам, имено - Тодор во тоа време не допушташе, дека некој ќе се реши од средината на организационите луѓе да посегне врз него. Тој си даваше сметка за величината на својот авторитет и сигурно бил уверен, дека ниту еден меѓу неговите прикриени противници не ќе може и да мисли да се мери со него, а камоли пак да си прави илузии, дека би можел по едно посегнување врз него да претставува некаква вредност и да вирее меѓу македонското движење. И затоа, повеќе отколку во случајот беше можно и веруваше, дека непријатностите може да преодолеат и преку убедување и преку строги писма и заповеди, или преку распис за исклучување кога-тогаш од ВМРО. Понекогаш јас се прашував дали не беше настапил кај него извесен умор, некакво одвраќање одново да се расправа со наши злосторници. Доста се беше расправал од 1918 г. наваму со бугарските грешници од разни нијанси. Во расписот, издаден неколку денови пред неговата смрт, недвосмислено е истакната неговата болка, затоа што повеќе усилби на ослободителното дело се насочени во одбивање на странични, главно бугарски удари, отколку во самата борба против поробувачот. Без сомнение, сакал да избегне и едно признание за нова предавство, за отцепништво во македонските редови, токму кога широкото општество најмалку тоа го очекуваше и кога името на организацијата беше започнало се повеќе да се слуша во светот.

 

          А тројката продолжуваше да си создава свои врски и да ги заобиколува установените служби. Најочигледно беше пренебрегнувањето на софискиот пункт, каде што требаше да се упатуваат сите организациони пораки, особено што се однесува до прашањата, што имаа врска со овој град. Рољата на пунктов началник таму ја извршував јас, а за помошници имав неколку души млади луѓе; често пред и по превратот од 9 јуни 1923 г., при мое отсуство ме заменуваше Петар Станчев. Луѓето, коишто беа околу мене, беа испитани по верност и кој помалку, кој повеќе се пројавија со лично учество во борбите по 1918 г. А оние, до коишто тројката и посебно Алеко и Атанасов се однесуваа во исполнување на разни порачки во Софија, беа често и непознати на нам странични лица, кои не живееле со тие борби, ниту дури имаа доволно поим за нив. Ако некој меѓу нив бил учесник во движењето, тоа било многу одамна, пред дваесетина години, па кај него веќе немаше готовност за ризици.

 

          Работите продолжуваа да се развиваат во тој правец. Јас бев оптимист и чекав секој ден да дојде крајот на таа состојба, заситена со недоверба, своеволија и неизвестностн. Оптимист бев, затоа што многу лесно можевме да се справиме со злото, доволно беше Александров да решеше. Можеа да бидат преземени различни мерки, но доволно беше смело да се оствари која и да било, за да се распрснат како меури од сапуница погоре наброените непријатности. И сега мислам, дека Александров сепак не гледаше во тој степен, како што ние гледавме, колку силен беше тогаш особено неговиот збор пред општеството и главно пред македонската средина. Сите, коишто ја поставуваа на прво место идејата и борбата за ослободување на Македонија, сакаа да бидат со него, кој – тоа му беше познато на целиот народ - беше создавачот на нашето движење по големата војна. Тој во очите на народот беше вољата, столбот на ВМРО. Сите други околу него беа негови помали или поголеми соработници, но не можеше да стане ни збор некој да биде сметан рамен нему по заслуги и по значење. Во сеопштиот шарм на неговата личност и верноста на грамадното мнозинство на патриотските Македонци во поробена Македонија и меѓу емигрантите во странство, обидите на тројката и нејзините блиски или далечни соработници не претставуваа ништо друго, освен безрезултатни драсканици по периферијата на македонското дело, под услов, дека се преземаа мерки. Настаните малку подоцна докажаа, дека мојот оптимизам бил оправдан. Особено беше оправдан тој кога размислував во перспектива Тодор да биде жив.

          Во очекување на денот, кога ќе настапи избистрување, јас во месец август често се затворав во вилата на еден пријател крај Софија, за да ги ставам во ред сметките за времето кога се криев, во текот на режимот на Стамболиски. Повеќе од една година по разни ќошиња на Софија ноќно време раздавав суми, скривајќи пакетчиња со потврди и белешки низ многу куќи. Неколку месеци наваму, по превратот, постепено ги подредував документите и билансот за потрошени десетина милиони лева што ги приклучив кон крајот на месецот. Тие пари ги добив пред сe од поробена Македонија; се арчеа во борбата, којашто ни ја откри ... бугарската власт.

 

          Тодор во текот на тој месец се задржа малку подолго во Ќустендил. Пак требаше да слуша приказни за Брљо и Панчо Михајлов, но главно го интересираа проекти за идната работа во Македонија. Се налагаше промена на дотогашната тактика. Беа набавени и разни модели на часовници за пеколни машини. Пред него стоеја многу задачи, најглавната требаше да биде расправата со ренегатите околу Стојан Мишев, коишто веќе успеале овде-онде да го разнебитат делото на ВМРО во областите лево од Вардар. Јас отидов во Ќустендил за еден-два дена по некаква работа кај Тодор. Заедно се вративме ноќно време.

 

          Еден ден, ако помнам добро - беше 29 август, добив белешка од Тодор Александров да одам кај него. Тогаш тој беше во својот дом во Софија. За неговото присуство знаеше обично еден тесен круг од верни пријатели.

 

         Го најдов подготвен за пат. Сред собата ја забележав раницата наполнета со разни пакети. Тој беше седнат пред масичката; во неговиот скут беше отворена неговата рамена чанта, во којашто прибираше писма, распределени на купчиња врз масата.

 

          - Седни Брезов[1], ми рече тој кога влегов во собата. И кога ги прибра во својата чанта последните белешки од масата, ми рече: "Се подготвувам за пат".

 

          - Разбрав уште кога влегов, му одговорив. Но за каде?

 

          - Одам на Серскиот окружен конгрес.

 

          - Каде ќе се одржи конгресот, запршав, и Тодор ми одговори, дека се свикува на Пирин и дека таа вечер тој треба да тргни, за да стигне утре на време.

 

          Го запрашав дали се налага тој обавезно да присуствува таму, на што одговори, дека тоа можело да биде полезно. Додаде, дека Протогеров веќе може да пристигнал на местото со Алеко и Атанасов.

 

          - Ми се чини, подобро е ако ти не отидеш на овој конгрес, додадов јас.

 

          - Не, излишен е во случајот секој сомнеж. Се налага да одам, затоа што многу работи има да кажам и преку самиот конгрес да се подобрат.

 

          - Сосем искрено да си кажам, чичко Тодоре, јас се плашам да отидеш натаму, немам никаква вера во Алековци[2].

          - Ништо не можат да сторат тие, кога таму се собрал цел конгрес.

 

          - Јас се плашам, дека тие се во состојба и да посегнат врз тебе. Со овој страв живеам од пред извесно време. Сметам, дека со нив не можеме да се справиме преку конгреси, особено, кога тие го организираат конгресот.

          - Таму ќе бидат и многу предани луѓе, таму се и неврокопци со Стојан Филипов на чело.

 

          - Се извинувам, што спорам. Јас го реков тоа, што го чувствувам - подобро е да не одиш. Тие луѓе не се за верување. Но бидејќи си решил да патуваш, земи бар поголема заштита.

 

          - Имам намера од тука да не земам никого, а и неудобно ми се гледа да водам заштита, бидејќи таму некаде ќе ме чекаат момчињата, испратени од конгресот, или од Протогеров. Не сакам да помислат, дека се плашам, или дека се сомневам во нешто. За да немаат такви сомнежи одам, со голем степен, на конгресот.

 

          - Во секој случај, јас настојувам да тргнат неколку души со тебе. Ако тоа не го одобруваш, земи бар двајца луѓе од тука, како што обично правиш при секое твое движење, без тоа некому да му изгледало како нешто необично.

 

          Откако малку се размисли Тодор запраша:

 

          - Кои момчиња имаш на располагање?

 

          - Имам многумина. Најдобро ми се гледа да отидат Панзо Зафиров и Христо Балвански.

 

          - Добро. Нека бидат готови, приквечер тргнуваме, отсече Тодор.

 

          Одговорив и на неговото прашање што се однесува до некои тековни работи и побрзав да излезам, за да го средам потребното што се однесува до двајцата души.

 

          - Догледање, чичко Тодоре.

 

          - Догледање, одговори тој и од неговиот глас, од неговиот поглед разбрав, дека тој сакаше да додаде: "Биди спокоен, нема да се случи ништо лошо." Тоа беше мојата последна средба со Тодор.

 

          Мих. Монев, зет на Тодор, ми раскажа дека го водел речиси истиот разговор, настојувајќи да не заминува. Кога споменал дека треба да земе седум-осум души за обезбедување, Тодор му одговорил: „Зар на борба одам? ...“. А што се однесува до Алеко и Атанасов, покажувајќи ја чантата, кажал: „Тука се собрани толку многу аргументи, што тие господа ќе го најдат своето вистинско место“.

          Чувствував, дека немам трпение да се зафатам за некаква работа по неговото тргнување; затоа и не отидов во вилата да ги подредувам документите. Добро дошла беше идејата на мојот универзитетски другар другар Пано П.Пандов да отидеме за еден-два дена на екскурзија до Витоша. Немав така излезено веќе повеќе од три години. Заминавме двајцата со него. Тие два дена поминаа разновидно. Ми се стори, дека се враќам кон одамна одлетаните млади години, иако тогаш бев на дваесет и седум години. Четирите години по војната, поминати во напрегнати настани, многу ме отуѓија од животот на слободната младина, а особено петнаеесетте месеци на криење низ Софија, за време на земјоделскиот режим.

 

          Другиот ден по моето враќање од екскурзијата, до домот на Томалевски по телефон се прими една вест за мене од Свети Врач, испратена од Миле Станоев, организационен деец, началник на поштенската станица во овој град. Веста била повторена од него неколку часа подоцна, откако не добил никаков одговор. А не можело да му се одговори, затоа што мене не можеле веднаш да ме најдат во Софија.

Се соопштуваше, преку Станоево, дека Тодор и Протогеров не викаат мене, Мих. Монев, К. Прличев, Панчо Михајлов и Никола Велев; во соопштението се кажуваше веднаш да тргнеме. Сите имиња беа означени со нашите псевдоними. Јас решив да не им соопштувам ништо на повиканите лица додека не видам дали и понатаму ќе се настојува за нашето заминување. Му се доверив само на Прличев, дека таа вест кај мене предизвика извесно неспокојство. Причини: пред сe никој од повиканите не можеше во никој случај да има работа на Окружниот конгрес; необјасниво се јавуваше особено повикувањето на еден војвода од друг округ, каков што беше П.Михајлов; а Н.Велев, организационен деец во Виена, кој пред неколку дена беше дошол во Софија, најмалку беше неопходен на овој конгрес. Ниту јас како пунктов началник во Софија, или Прличев, би имале што да реферираме таму. Уште позагадочно се јавуваше повикувањето на Монев, кој не заземаше никакво официјално место во организацијата.

 

          Прличев се согласи со мене да почекаме и да не тргнуваме без втора и трета покана. Тој исто така го споделуваше мојот бојазан, дека тука може да се крие и нешто друго. И нему му се вдахнуваа извесни опасности во врска со Алековци.

 

          Другиот ден веќе се доби телеграма до мене, потпишана од "Илија" и "Миле" - псевдонимите на Протогеров и Тодор, со истата содржина како телефонските извештаи. Му се јавив пак само на Прличев и му кажав, дека според мене сега веќе можеме да тргнеме, но ќе треба да бидеме многу внимателни, во сe да се загледуваме и да не одиме без оружје. Решив тоа да му го кажам и на Монев. А на Велев и Михајлов немаше ништо да им соопштувам. Тргнавме со автомобил.

 

          Монев уште посериозно погледна на моите сомнежи; тој добро знаеше како одат работите меѓу Тодор и тројката. Тој беше во Г. Џумаја и од таму го зедовме со нас. Во Горна Џумаја разбрав, дека Тодор таму го оставил едниот од двајцата души, коишто тргнаа од Софија со него за заштита.

 

          Стигнавме до село Дере-Мислим пред Мелник. Таму го оставивме автомобилот и се упативме со коњи по Мелничката долина. Малку пред Мелник се зададе на коњ Петар Говедарчето. За прв пат го гледав, го имав слушнато неговото име. Знаев, дека е мошне близок на Атанасов и Алеко и дека е еден од два-тројцата души, коишто се главната поддршка на тројката во Мелничко. Тој не пречека засмеан и разговорлив, прашувајќи не зошто сме закаснале. Со него тргнавме по планинската патека кон с. Сугарево.

 

          Низ овие места за прв пат минував; истото беше и со моите сопатници. Истото беше и со Тодор. Потиснат се чувствува човек меѓу високите посочни брегови на долината, којашто притоа постојано кривуличи, така што врвиш меѓу една неизвесност, не гледајќи ни во земја, ни напред подалеку од неколку десетици метри. Беше многу жешко и задушно. Така врвевме до село Караланово, а тука зедовме да се искачуваме право по стрмната патека за Сугарево. Почнаа се повеќе планински хоризонти да се откриваат; и полесно се дишаше. Одев со поголемо олеснување, цел пропит од желба побргу да стигнеме до конгресот, за да го ѕирнам Тодор, да видам воопшто како сe се развива. Додека бевме уште во суровата долина, некако подалечно и посврзано со мачнотии ми се гледаше тоа наше видување со собраните луѓе, некаде во за нам непознато место. И колку да ја растерував, како некоја безобразна мува, една тешка мисла туку ја беспокоеше мојата свест; таа ми кажуваше, дека би било подобро ако Тодор не дојде да се вовира низ овие за него непознати клисури и долини.

 

          Говедарчето по патот ни објаснуваше, дека конгресот речиси ја завршил својата работа, не чекале нас и утре веројатно сe можело да биде готово; таа вечер сме можеле да спиеме во Сугарево, каде што по разните маала биле сместени сите делегати; ако имало време уште таа вечер сме можеле да отидеме кај Тодор и Протогеров, а ако биде доцна, тогаш утре рано. Стигнавме речиси во мрак. Не одведоа отпрвин во една куќичка, каде што се беа собрале многумина. Таму го видовме Гоце Манолев, кој со Говедарчето беше станал голем пријател на Алековци; го видов војводата Гогата Полски од серското село Хазнатар; таму беше и Георги Пенков од Градево, Горно-Џумајско. Тука Монев посака некој од четниците да му направи здрава масажа, поплакувајќи се, дека настинал по патот. Собичката беше мала и ниска; сите беа притиснати во неа; впрочем, куќите во тоа селце беа до една мизерни. Георги Пенков беше посебно разговорлив. Како со умисла да бараше да влегува на теми, во кои може да се спори. И со мене проговори малку за комунистичкиот бунт во Разлог, што се случи во м. септември минатата година. И ни во клин ни во ракав, тој избувна и се нафрли со цинични пцости против гарнизонскиот началник во Разлог, потполковникот Жечев; сигурно му земаше заб за нешто. Се закани, дека сакал главата да му ја отсече. Ми се стори, дека со неговите закани и со особено подигнатиот тон тој цели нам да ни направи некаков впечаток, особено на мене; сакаше да покаже, колку е храбар и решителен. Не гледајќи потреба од сето тоа и бидејќи тоа што го зборуваше не се однесуваше на нас, беше некако неприродно, па пртестанав повеќе да го слушам, дофрлувајќи му на крајот, дека е подобро сите тие работи да му ги каже лично на потп. Жечев; и ако може да му ја отсече главата, тоа да го направи. Можеби некој од околните да му намигнал на Пенков да не се истакнува, па тој одеднаш запре да зборува, наспроти неговото задоволство да се позакачи со мене.

 

          По малку Говедарчето не праша дали сакаме да се прибереме за спиење, откако цел ден сме патувале. Додаде, дека кај големците утре ќе отидеме, затоа што тие биле сега со нешто зафатени, а пак и маалото им било доста далеку. Не одведе близу во една куќичка; кога влеговме во собата никој од нас не поверува, дека тука ќе останеме да спиеме. Немаше никаков предмет по ѕидовите, или по подот, кој беше послан со земја; тука не беше одамна метено, а многу камчиња и земјени грутчиња го покриваа подот; можеби во селото да имаше некоја и полоша собичка, но таа ќе да беше една од крајно лошите. За покривачи или перници не стана ни збор. Бепше внесена само една минијатурна ламбичка, којашто одвај трептеше, за да ја прави состојбата уште помистериозна. Човек би можел подобро да заспие без никаква светлина, на темно. Полегнавме така, потпрени на своите раце наместо перници, и бидејќи уморени сепак сме откраднале некој час сон. Додека се спремав да заспијам, јас се подзамислив дали во изборот на таа соба не е вложено некакво невнимание со умисла кон нас, но додека сум се губел во самиот почеток на претпоставките, сум заспал. Изутрината доста рано се разбудивме сите, главно поради тврдиот под. Ги подистресивме нашите алишта и излеговме. Некој не одведе да се измиеме на планинската рекичка, крај блиските куќи. Таму видовме дека се мие и Аргир Манасиев, стариот гевгелиски војвода, во тоа време виден организационен работник во Горна Џумаја. Околу нас го видовме и Атанас Маџаров и Аспарух Ганчев, кој беше во четнички алишта и вооружен. Тој беше Бугарин од Русија, кој емигрирал по револуцијата, а како учител во Петрич стапил во четата на Алеко; не го имав видено од месец април претходната година, кога една ноќ патувавме од Џумаја за Разлошко со Алековата нелегална група. Тој беше многу интелегентен и енергичен млад човек.

 

          Кога сите се измивме, Аргир Манасиев кажа, дека можеме да одиме. Ние запрашавме каде се Протогеров и Тодор и тој ни одговори, дека имено кај нив ќе одиме. И тргнавме, ние петмината, дојдени од Софија, и тие тројцата - Аргир, Маџаров и Ганчев, по една пријатна патека, којашто постепено се возвишуваше, оградена од двете страни со грмушки.

 

          По неколку минути Аргир Манасиев, кој одеше на неколку метри пред нас молчаливо, застана до еден превалец на патеката и не покани сите, ако сакаме малку да се одмориме тука. Некој меѓу нас поприклекнаа, одморот навистина се налагаше, особено за повозрасните. Неочекувано Аргир проговори, исправајќи се. Јас бев спроти него и веднаш сфатив, дека неговото лице доби посебен израз, а и неговиот глас му беше возбуден; уште со првите два-три збора беше јасно, дека тој се мачи да го владее своето возбудување и дури да му придаде некаква свеченост на гласот.

 

          - Браќа, на мене ми се падна многу тешка задача, да ви соопштам дека нашиот голем Тодор не е веќе жив....

          Тие беа зборовите, коишто Аргир ги изговараше побледнат и збунет. Неговата брада потреперуваше. Некои од нас петмината и не сфатија точно што зборува Аргир. Панчо Михајлов скокна како каснат и завика: "Што, што кажа Аргир...?"

          - Јасно е што кажува, му појаснив јас, убиен е Тодор. Во тој момент целата група беше на нога, сите како заковани на своето место, скаменети. Панчо, како што беше простум, легна на земјата, започна да се тркала де на една, де на друга страна викајќи: "Леле, леле Тодор убиен"...Точно ли е? Кој го убил?..." Беше опфатен од некаков нервен слом. Му викнав: "Станувај да одиме, да ни кажат каде е Тодор. Нема зошто да офкаме и да плачеме. Ништо не можеме да поправиме со плач". Веќе не се сеќавам дали нешто рекоа останатите тројца другари. Знам, дека кога се погледнавме со Монев и Прличев, си кажавме молчаливо, дека оправдани биле нашите сомнежи. Монев длабоко воздивна: "Ах Тодоре, ах Тодоре..." Аргир ни кажа, дека тука близу има една црквичка и таму е положен Тодор со неговиот другар. Тогаш разбравме, дека е убиен и Панзо. И со побрзи чекори веќе тргнавме сите напред, уништени од скрб и од напнатост. Многу загрижени ми се видоа и тројцата души, коишто не придружуваа. Тие ни појаснија, дека од конгресот им е било доверено да ни ја соопштат тешката новина; затоа божем случајно тие имено изутрината се најдоја околу нас крај потокот.

 

          Очекував уште долго да одиме. Меѓутоа, одеднаш пред нас се испречи широка полјана, зад неа далеку во околината се покажаа планински венци. Забележав на другиот крај на рамништето ниска зграда - тоа беше црквичката. Уште додека минувавме низ ожнеаната нива, што ја имаше заземено половината од таа полјана, отспротива многумина се раздвижија да не пречекаат. Сите ни додаваа рака, но иајдобро сум запаметил како Алеко и потполковникот Атанасов се испречија во своите униформи пред нас, со пушки преку рамо, и исто така не поздравија; тие имаа изглед на најтажни. Алеко беше дури и насолзен. И двајцата промрмореа по два-три збора на утеха. Јас му реков на Алеко: "Станалото станало; сите треба да се држиме здраво и со заеднички труд да се достигне бар еден дел од постигнатата загуба. Особено на вас тројцата ви се налага кураж; знаете, дека сите дејци кај вас ќе бараат поддршката." Немаше потреба да мислам какво поведение треба да се има спрема тројката. За мене беше јасно и веќе решено како треба да се држам, уште кога правев најцрни толкувања при нашето повикување.

 

          Бидејќи насолзувањето на Алеко ми се виде како мајсторија јас исто така сметав за добро веднаш да ја започнам играта, во којашто тие или ние можевме да изгубиме и од којашто за долги години зависеше целиот правец на македонската ослободителна борба. Ми мина преку умот, дека Алеко можеби се насолзил и од немир, од недостаток на стабилност, откако веќе ја сфатил големината на извршеното злосторство, спроти сликата на Тодоровиот труп. И си реков, дека ако е така, од тоа може само да добие, да се олесни мојот план. Впрочем јас споделив зборови поодделно со Монев и Прличев, дека се налага колку што е возможно поитро држење од наша страна; тоа е единственото наше оружје, што можеме да го употребиме против таа ужасна подлост; и дека единствената наша цел треба да биде живи да се извлечеме од тука.

          Изненаден бев кога видов, дека Пенков, кој сношти беше така зборлест и провокативен, сега беше добил крајно нажален изглед; и неговите очи беа навлажнети. На полјаната имаше близу педесет души, мнозинството со пушки. За Протогеров ни рекоа,- дека не се чувствувал добро, бил просто болен по убиството. Кога не виде, тој заика и ништо не можеше да каже. Побрзав и нему да му ги повторам зборовите, коишто му ги кажав на Алеко.

 

          Ние посакавме да влеземе во црквичката, за да ги видиме покојните. Сe, што за нас беше како една страшна прикаска, пред нашите очи стана стварност. Тодор лежеше во еден на брзо приготвен ковчег од тесни обични летви. До Тодор во исто таков сандук лежеше Панзо; тој беше грозно отечен; а Тодор, кој беше слаб, сега изгледаше доста полн, ми се стори разубавен. Во црквичката не можевме добро да се загледуваме во сe, затоа што беше полутемно.

 

продолжува >>>г

bottom of page